Околу 20 илјади евра се потрошени на две кепабчилници, објави актуелниот Иван Стоилковиќ министер, во Министерството за односи меѓу заедниците каде што го наследи бегалецот Артан Груби. Во поткастот каде што гостуваше, Стоилковиќ обзнани и повеќе други сомнителни активности за кои смета дека се злоупотреби.

-Има фрапантни сметки од 20-на илјади евра за две ќебапчилници и неверојатни, секојдневни и огромни сметки за кафани и кафулиња, откри министерот Стоилковиќ.

Во јавно достапните податоци за набавки во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците (во време на формирањето и раководењето на Груби, тоа беше името на министерството) стои дека во 2023-та на тендер за угостителски услуги биле избрани две компании.

Вкупната зделка е 1 180 000 денари што е приближно на спомнатите 20 илјади евра. Поголем дел од таа зделка добила фирмата „Пчела Ш.Е.Љ.“ која раководи со истоимена ќепабчилница и барбекју бар во Старата скопска Чаршија. Од предвидените пари (944 илјади денари) Пчела испорачала храна во вредност од 532 037 денари. Втората фирма која била избрана на тендерот е „Далма кетеринг“, но таа не реализирала ниту еден денар од предвидените 220 илјади денари.

Тендерот бил заклучен како реализиран и пријавен во Бирото за јавни набавки на 18-ти април оваа година. Тоа е само на 6 дена пред првиот изборен круг. Тендерот бил склучен на 15-ти март 2023-та и требало да заврши најдоцна на 15-ти март оваа година, но всушност е пријавен како реализиран, еден месец подоцна. Во тоа време, на три дена пред избори, на 21.04.2024. на иста сума (1 180 000 денари) е склучен нов договор меѓу Министерството и Пчела.

„Пчела Ш.Е.Љ.“ која со првиот тендер добила над 530 илјади денари (околу 8 650 евра) според податоците на бизнис мрежа продолжила да храни вработени во министерството предводено од Груби и по изборите и по конечната информација дека ДУИ нема да биде дел од власта.

Па така последните две порции од познатата ќепабчилница во Чаршијата, тимот на Груби ги дегустирал на 14.06.2024-та година, неколку дена пред формирањето на новата влада. Министерството платило на тој датум една сметка од 41 660 денари и втора сметка од 16 852. Вкупно тоа е околу 58 500 денари или околу 900 евра.

Цената на една десетка со кромид се движи меѓу 350 и 400 денари, па пресметано излегува дека последниот ден од користењето на услугите, соработниците на Груби со пари на граѓаните платиле сума во вредност на околу 150 порции телешки кебапчиња.

Стоилковиќ изјави дека во моментот се прави ревизија на трошоците по што извештајот ќе се разгледа на затворена владина седница.