Федералната агенција за воздушен транспорт потврди дека шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин загинал во авионот што денеска се урна во областа Твер.

Росавија објави список на сите патници во деловниот авион што се урна 60 милји северно од Москва. Покрај Пригожин, меѓу патниците на списокот се и: Сергеј Пропустин, Евгениј Макаријан, Александар Тотмин, Валери Чекалов, Дмитриј Уткин и Николај Матусеев.

Членовите на екипажот кои биле во авионот во моментот на падот се: командантот Алексеј Левшин, копилотот Рустам Каримов и стјуардесата Кристина Распопова.

ВАГНЕР остана без тројцата најглавни луѓе

Уткин беше резервен потполковник. До 2013 година, професионалниот војник командуваше со 700-от одделен одред за специјални сили на 2-та одделна специјална бригада на главната управа за разузнавање на Министерството за одбрана стациониран во Печори, Псковската област.

Од 2014 година командувал со сопствената единица, која, според неговиот повик, била со кодно име „Wagner PMC“. Уткин доби неколку Ордени за храброст за неговите постапки на бојното поле.

Во урнатиот авион се наоѓал и Валери Чекалов, шеф на службата за безбедност во Вагнер групата. Чекалов беше одговорен за сите движења на Пригожин, транспортната логистика и беше единствениот кој точно знаеше кога и каде е Пригожин.

Тој стана познат во јавноста минатата година, кога мнозинството западни земји, кои ја поддржуваат Украина, му воведоа санкции поради војната и поддршката за Русија.

Авионот во кој загинаа 10 лица се урна во регионот Твер додека летал меѓу Москва и Санкт Петербург. На снимката објавена на интернет очигледно се гледа како малиот млаз повлекува чад пред да удри во земјата и да се запали.

Службите соопштија дека на местото на несреќата се пронајдени осум тела. Водечкиот истражувачки новинар за руски прашања, Христо Грозев, пред само 10 дена даде изјава во која прецизираше дека во рок од шест месеци или Пригожин ќе умре или ќе се случи нов државен удар.

Медиумите поврзани со Вагнер побрзаа да сугерираат дека руски противвоздушен проектил го соборил авионот.

Во моментот кога сите известуваат за смртта на лидерот на „вагнеровци“ и поранешен готвач на Путин, телевизијата „Русија-1“ го пренесува говорот на рускиот претседател, кој зборува на концерт во чест на 80-годишнината за победата во битката кај Курск.