Американскиот претседател Џозеф Бајден потпиша Извршна наредба со која се проширува опсегот на вонредни мерки во врска со регионот на Западен Балкан, која опфаќа и замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор и нивното спроведување и ги поткопуваат мирот и регионалната соработка.
Но, со казнените мерки ќе бидат опфатени и лица кои се одговорни за „сериозни повреди на човековите права“ и “вклучени во корупција во регионот, вклучително и проневера на јавни средства, отуѓување на приватен имот за лична корист или за политички цели и мито“.
Делот со корупцијата и проневера на јавни средства од наредбата предизвика големо внимание во Македонија, а во јавноста веќе се шпекулира кој се може да влезе на новата т.н. црна листа на САД.
Засега не е познато дали ќе има проширување на истата со нови македонски политичари или бизнисмени или дека некои имиња ќе бидат тргнати од веќе постоечката, а како што пренесува Гласот на Америка, на последната листа на санкции на Одделот за финансии на САД за Македонија, се наоѓаат Љубе Бошковски, Мендух Тачи, Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени.
Повеќето од нив се ставени на оваа листа за време на администрациите на Бил Клинтон и Џорџ Буш помладиот, а најголемиот дел се поранешни припадници на ОНА и АНА, а дел се и поранешни пратеници.
Партиите пак на три од овие лица, Тачи, Адеми и Бошковски, ДПА, ДУИ, Обединети за Македонија се дел од актуелната власт.