Долгогодишниот директор на најголемата хрватска болница КБЦ Загреб, проф. Д-р Анте Ќорушиќ (66) загина утрово во болницата. Според досегашните информации, тој паднал од висина од околу седум метри, од противпожарните скали и починал на лице место.

Неговите колеги веднаш му пришле на помош и почнале со реанимација, но поради тежината на повредите, за жал, тој не можел да се спаси. Според неофицијални информации, тој на колегите им рекол дека оди во продавницата која се наоѓа под управната зграда, се качил по противпожарните скали, а полицијата ќе утврдува како дошло до трагедијата.

Имено, веднаш по пријавата пристигнала полиција која го опколила местото каде што паднал Ќорушиќ и со часови вршела истрага.

Видно вознемирени колеги рекоа дека се во неверување и дека им треба време да го обработат целиот настан. Еден од соработниците кажа дека го сретнал по пристигнувањето во болница, дека си размениле неколку реченици.

– Водевме нормален разговор како што правиме секогаш кога се гледаме на работа. Не ми се верува дека го нема. Друг лекар вели дека за несреќата дознал од колега.

– Како што ми кажа мојот пријател и колега, се слушнал удар, па отишле да видат што се случило. Не им паѓаше на памет дека ќе ги дочека глетка која никогаш нема да ја заборават. Уште полошо е што како лекарите не можеле ништо да направат, освен да констатираат смрт – изјави докторка од „Ребро“.

Веста како бомба одекна во медицинските кругови, но и пошироко со оглед на тоа што Ќорушиќ долги години беше активен член на ХДЗ, а во неколку наврати беше споменуван и како кандидат за министер за здравство.

Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ, откако се дозна за трагедијата, изјави дека има информации од загрепската ПУ дека на тротоарот до зградата на КБЦ Ребро е пронајдено тело на лице кое не е живо.

– Разберете дека истрагата е во тек и дека полицијата мора да го прави она што вообичаено го прави во вакви случаи – рече министерот Божиновиќ.