Чешка се подготвува за екстремни врнежи и поплави, за кои метеоролозите во средата издадоа највисоко ниво на предупредување за следните четири дена, особено на истокот на земјата.

Според министерот за животна средина Петр Хладик, се заканува ситуација слична на онаа од 1997 и 2002 година кога Чешка беше погодена од големи поплави.

Министерот за внатрешни работи Вит Ракусан ги советуваше луѓето да подготват куфер за евакуација. Ова го соопштија во средата на заедничка прес-конференција, пренесува ТАСР во Прага.

„За жал, ситуацијата што не очекува во следните четири до пет дена е многу слична на ситуацијата за време на големите поплави во 1997 и 2002 година“, рече Хладик.

Тој додаде дека ситуацијата ќе биде отежната не само поради големите врнежи, туку и поради силниот ветер. Според него, во петок може да достигне брзина и до 100 km/h.

Според Хладик, не се загрозени само областите што се поплавуваат, туку поради заситеноста на земјиштето и шумите со вода, поројни поплави може да се случат на места каде што не се очекуваат.

„Доколку не се манифестира со полн интензитет, ние само ќе бидеме среќни, но сакаме да бидеме подготвени и сакаме да дадеме навремени информации за тоа што може да очекува територијата на Чешка“, објасни Хладик.