Украинските власти денеска објавија дека нејзините трупи се повлекле од Авдиевка – клучен град на истокот на земјата кој е опколен од руските сили со месеци.

Падот на Авдиевка ја означува најголемата промена на линијата на фронтот долга повеќе од 1 000 километри откако руските трупи го зазедоа градот Бахмут во мај 2023 година.

„Врз основа на оперативната ситуација околу Авдиевка, со цел да се избегне опсада и да се зачуваат животите и здравјето на војниците, решив да ги повлечам нашите единици од градот и да преминам во одбраната по поповолни линии“, објави новиот началник на украинската армија Олександр Сирски.

Сирски, кој неодамна го презеде раководството на армијата, рече дека украинските сили се вратиле на побезбедни позиции надвор од градот, кој имаше 32 000 жители пред војната.

Објавата дека украинските трупи се повлекуваат од источниот град доаѓа во момент кога земајта се соочува со недостиг на муниција поради неуспехот на Конгресот на САД да донесе резолуција за дополнителна воена помош.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, зборувајќи на денешната безбедносна конференција во Минхен, ги повика западните земји да ѝ помогнат на Украина да го победи „монструмот“ – како што тој го нарече рускиот претседател Владимир Путин.

„Рускиот лидер ќе ги направи следните неколку години ‘катастрофални’ за уште многу земји како Украина, доколку западниот свет не му се спротивстави. Не прашувајте ја Украина кога ќе заврши војната. Запрашајте се зошто Путин сè уште може да ја продолжи?“, изјави Зеленски на денешната конференција во Минхен.

Американскиот претседател Џо Бајден неодамна изјави дека Авдиевка е изложена на ризик да падне во рацете на руските сили поради недостиг на муниција по неколкумесечното противење на републиканците во американскиот Конгрес на новиот американски воен пакет помош за Киев.

Заземањето на источниот украински град е клучно за целта на Русија да обезбеди целосна контрола врз двете провинции кои го сочинуваат регионот Донбас.