Изразувам жалење и најсилна осуда за немилиот настан во едно од нашите ООУ, во која се инволвирани ученици од најмалите одделенија. Информираме дека сме во постојана комуникација од моментот на пријавување на настанот со сите инволвирани институции, МВР, МОН, социјални служби и обвинителство. Општината и училиштето соодветно ги презедоа сите мерки согласно Законот за основно образование и Законот за наставници и стручни соработници, како и согласно Упатството за постапката за пријавување и заштита на ученици жртви на насилство, злоупотреба и занемарување, вели градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
-Во рамките на овие активности, е формирана комисија која ќе поведува дисциплинска постапка против четири наставници, а веднаш е суспендиран еден наставник, одговорен за одделението.
Во текот на денешниот ден оставка од лични и морални причини поднесе и директорот на училиштето, а веднаш е именуван и нов ВД директор. По утврдувањето на одговорноста на секој од нив, зависно од дејствијата кои ги презеле или пропуштиле, соодветно ќе бидат санкционирани.
Педагошко-психолошката служба активно постапува во согласност со упатството, со цел да се обезбеди безбедна и поддршка средина за нашите ученици.
Настанот мора да биде расветлен во целост и да биде лоцирана одговорноста на секој инволвиран во случајот, додава Стојкоски.
Полицијата вчера извести дека 44 – годишен маж од Скопје вчера пријавил дека во периодот од 11 до 15 часот во двор на основно училиште на подрачјето на Ѓорче Петров, неговиот малолетен син бил физички нападнат од двајца негови соученици.
Според МВР, децата со тврд предмет се обиделе да извршат полово дејствие врз соученикот.