Судот не го прифати барањето на мајката на убиеното девојче Вања Ѓорчевска јавноста да биде исклучена од цела јавна расправа.
Одбраната на обвинетите беше против исклучување на јавноста.
Првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо кажа дека поради ова нема да ја повика мајката на Вања да сведочи за да не се вознемирува.
Судскиот процес за убиството на Вања и велешанецот Панче Жежовски почна денеска со воведни зборови на обвинителството.
Денес во судницата на рочиштето за двојното убиство на Вања и Панче, првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо изјави дека „родителот на Вања, Александар е наместен од полицијата и дека не го познава“.
-Ова е политичка наредба, ова обвинителство раскажува приказни. Родителот на Вања е наместен од полицијата. Јас, Александар не го познавам ниту пак обвинителството докажало меѓу мене и него. Јас бев киднапиран, благодарение на судијата на претходна постапка, но кога дојдов во затворот Скопје, констатирав дека има комплетно погрешни податоци. Бев на понижувачки начин со калашникови донесен пред судија на претходна постапка Душан Јосифов.
70% од мојата кичма не е во функција, јас ќе одев да направам магнетна резонанца во Турција, на 20-ти мај мојата ДНК е ставена, изјави Палчо.
ВОЗНЕМИРУВАЧКО: Обвинителката опиша како Палчо ја убил Вања
Со пиштол со калибар од 9 милиметри и преку перниче обвинетиот Љупчо Палевски Палчо пукал во главата на Вања Ѓорчевска, се наведува во обвинението за убиството на 14-годишното девојче што се случи лани во ноември во Скопје, а за кое судскиот процес почна денеска.
Обдукцијата покажала дека Вања во десната хемисфера од мозокот имала рана и огнострелен канал од 34 сантиметри кој минувал низ вратот до четвртиот пршлен.
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска започна судењето за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски.
Во судницата се спроведени првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо заедно со обвинетите Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, како и таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски.
Судењето против петмината обвинети во процесот за двојното убиство почна денеска со читање на Обвинението. Обвинителите го нарекоа процесот еден од најтешките кривични настани во нашата земја.
На товар на обвинетите се две убиства и две грабнувања, што довело до смрт на Вања и на Панче.
Според обвинението, секој од обвинетите имал своја улога со детално однапред планирани дејства.
„Таткото помогнал со информации кога Вања оди на школо. Обвинетите се познавале меѓу себе и сковале план за грабнување со цел да присилат член на семејството да даде откуп. Знаеле дека секој петок Вања оди од прв час на школо, а помалата сестра Миња од втор час. Во петокот не успеале во планот, зашто имало гужва. Во неделата знаеле дека во понеделникот на 27 ноември Вања ќе оди сама на прв час, што било исклучок. Ја чекале во сутеренот во влезот и кога Вања излегла од лифтот ја грабнале. Таа била ставена во вреќа во гепекот од ‘цитроенот’ и се упатиле кон Качанички Пат. Палчо ги чекал и се упатиле кон месноста Дупки, кај Бразда каде во 9.30 ја убиле Вања. Ја закопале во претходно ископана дупка, го запалиле ‘цитроенот’ и заминале со ‘рено кангу’“, се вели во обвинението.