Фудбалерите на Либан и Палестина ремизираа (0:0) на стартот од второто коло од азиските квалификации за Светското првенство.
Поради воената ситуација, натпреварот се одигра во Обединетите Арапски Емирати (Шарџа) без присуство на публика, а покрај доминацијата на Палестинците и неколкуте изразени шанси, немаше победник.
Пред почетокот на натпреварот Палестинците на терен излегоа со „екстра“ опрема, а се работи за т.н. „палестинки“ – традиционални шалови од оваа земја.
За Палестинците овој шал е симбол на отпорот и борбата за слобода и ја искористија приликата да го претстават на овој натпревар кој започна со едноминутно молчење во спомен на загинатите за време на израелската опсада на Газа.
Инаку, во следната квалификациска рунда ќе се пласираат двете најдобри селекции од секоја група, а во оваа група се одигра и натпревар меѓу Австралија и Бангладеш во кој Австралијците победија со 7:0.