Патничка раскажува за ужасот кој го доживеала денеска додека патувала со автобусот кој се запали на преминот Стража

„5 мин свиреше аларм во автобусов,возачот не запре,задна врата не се отвори пола лични ствари останааа внатре не можевме да ги извадиме зошто после 1 мин од кога излеговме цел автобус се запали….ужаз ..на автобусов не му е напраен технички преглед бог знае од кога КАТАСТРОФА….фала богу ни друг автобус не ни пуштија за да не собере на сред пат останавме“, вели патничка која се наоѓала во автобусот.

Автобусот, којшто се запали утрово кај Стража, се движел на редовна линија Скопје – Охрид. Нема повредени патници, а во гаснењето интервенирале гостиварските пожарникари. Сообраќајот се одвива нормално.

-Денеска, во 11:25 часот на бесплатниот број за итни повици 112 е добиена пријава дека пред патниот премин Стража е запален патнички автобус кој се движел на редовната линија Скопје – Охрид. Операторот од 112 веднаш ги известил МВР – СВР Тетово и ТППЕ Гостивар. Гостиварските пожарникари итно излегле на лице место и го изгаснале запалениот автобус. Нема ниту еден повреден патник, информираат од ЦУК.

Во тек е увид од екипа на МВР.

Претходно, од Мнистерството за внатрешни работи за МИА потврдија дека на магистралниот пат Гостивар-Кичево, на околу три километри пред месноста „Стража“, се запалил автобус кој се движел кон Кичево, а случајот бил пријавен во 11:20 часот во СВР Тетово.

-На посоченото место веднаш се испратени полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Гостивар и екипа од гостиварската Територијална противпожарна единица. Нема повредени лица, наведоа од МВР.