Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов вели дека ВМРО-ДПМНЕ и без коалицијата ВЛЕН во моментов има обезбедено 63-64 пратеници. Тој во вечерашното издание на емисијата Аргумент+ на ТВ24, не кажа кои се тие пратеници, но рече дека се работи за пратеници од помалите партии кои порано но и сега се дел од коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз.

„Вака широко организиран фронт, на ВМРО-ДПМНЕ му бил потребен за гласање на измените на Законот за Влада со цел да се дојде до реализација на изборните ветувања за нова структура на Владата со нови ресори или со укинување и прегрупирање на некои од нив, како и на многу агенции“ рече Трајанов.

За свечената заклетва на претседателката Силјановска Давкова, во која таа не го кажа новото уставно име на државата, Трајанов рече дека очекува набрзо да се стиши оваа галама и дека секако мора да се почитуват меѓународните договори, но и да се покаже поголем сенс за нашите идентитетски одредби и потреби од страна на соседите Грција, Бугарија а потоа и од САД и ЕУ.