Турскиот пејач и режисер Метин Аролат (52) починал за време на неговиот настап во Козјатаги. Иако почувствувал болка и вкочанетост во раката, тој го продолжил настапот, но на сцената доживеал срцев удар, јавуваат локалните медиуми.

„Мојата лева рака е вкочанета“, рекол тој непосредно пред да колабира.

Медицинска сестра од публиката притрчала да му помогне и повикала Итна медицинска помош. И покрај интервенцијата на лекарите и напорите да се спаси, Аролат починал на пат кон болница.

Неговата блиска пријателка Демет Сагироглу даде изјава за медиумите надвор од болницата и откри дека се сомнева дека на неговото здравје влијаела исхраната.

„Тој ми беше многу близок пријател, како брат. Беше на диета… Мислам дека неговото срце не можеше да го издржи. Се влоши откако излезе на сцената”, рекла таа.

За оние кои не знаат, Метин Аролат беше турски пејач и режисер на музички спотови, кој се здоби со популарност во деведесеттите. Освен по пеењето, Аролат беше познат по својата работа зад камерите и режираше спотови за бројни турски уметници.