Хеликоптерите на Армијата немаат техничка можност да летаат во ноќни услови, напиша вечерва претседателот Стево Пендаровски на својот фејсбук-профил.

Ова, додава, е единствената причина заради која во гаснење на пожарите ќе се вклучат во раните утрински часови.

– Сакам да ја информирам јавноста дека хеликоптерите на армијата немаат техничка можност да летаат во ноќни услови. Ова е единствената причина заради која во гаснење на пожарите ќе се вклучат во раните утрински часови, напиша Пендаровски.

Тој информираше дека доцна вечерва имал телефонски разговор со претседателот на Бугарија, Румен Радев.

– Договорено е во најкус можен рок, Бугарија да испрати противпожарни единици кои ќе помогнат на нашите екипи во гасење на пожарите, напиша Пендаровски.

Претходно, претседателот објави:

– Вечерва во Крушево, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски ме информираше за состојбата со пожарите низ земјата и посебно за големиот пожар во Кочани доцна попладнево. Наредбата како Врховен командант за ангажман на Армијата со целосен капацитет ја дадов во 16:30 минути. Одобрена е и употреба на воздухопловите, кои денеска веќе интервенираа во Старо Нагоричане, а утре наутро одат на помош во Кочани. Во текот на денот беа ангажирани над 170 припадници на Армијата, а во текот на ноќта ќе се следи состојбата на терен и ќе се ангажираат дополнителни сили, како и средства за справување со состојбите и помош на населението насекаде каде што има потреба.