1. Поевтини дизелот: Ова се новите цени на горивата кои ќе важат од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика ги објави максималните цени по кои од полноќ ќе се точат горивата на бензинските пумпи низ Македонија.
Литар дизел од утре ќе се продава за 85,5 денари а бензините ќе чинат 83,5 односно 85,5 денари по литар. Во новите цени, Регулаторот и натаму пресметува акциза која е намалена за 2 денари по литар и ДДВ од 10% а од полноќ, бензинските пумпи добија зголемена маржа на дизелот за 0,3 денари.
Во меѓувреме продолжуваат ценовните осцилации на суровата нафта на лондонската берза. Барел нафта од типот Брент денеска се движи околу цената од 107 долари по неделниот максимум од 114 долари кој беше регистриран во текот на вчерашниот ден.
2. Милевски добива примамлива понуда
Македонската фудбалска репрезентација беше на праг до пласман на Мундијалот во Катар, но остана без него откако загуби со 0-2 на незгодното гостување кај Порто во Португалија.
Селекторот Благоја Милевски го однесе составот до историски успех, а тоа наскоро може да му донесе награда, односно договор од српски клуб, како што пишуваат медиумите од соседството.
Црвена Звезда бара наследник за Дејан Станковиќ во јуни, а прв избор на управата од Белград е токму Милевски, но засега не се почнати преговори меѓу двете страни.
3. Обраќање на Путин: Oд утре за гас ќе се плаќа во рубли или ќе ги раскинеме договорите
Рускиот претседател Владимир Путин ѝ се обрати на јавноста во Москва по потпишувањето на указот според кој странските купувачи на руски гас од утре мора да плаќаат во рубли.
Тој предупреди дека договорите ќе бидат раскинати доколку другите земји не го платат рускиот гас во рубли.
Таа одлука ја донел, како што рече, поради зајакнување на рускиот суверенитет.
Путин нагласи и дека пред неколку години почнала економска војна против Русија.
4. Руските трупи почнаа да го напуштаат Чернобил
– Руските војници кои ја зазедоа нуклеарната централа во Чернобил на 24 февруари денеска почнаа да го напуштаат комплексот и другите исклучени зони, соопшти украинската државна нуклеарна компанија Енергоатом.
„Утринава напаѓачите ги објавија своите намери да ја напуштат нуклеарната централа Чернобил“, соопшти Енергоатом на Телеграм.
Руските војници „се упатија во две колони кон украинската граница со Белорусија“ и „мал број“ руски сили остануваат во комплексот, се вели во соопштението.
По руската инвазија, постојат стравувања од зголемени радиолошки ризици во Чернобил.
Реакторот број четири во Чернобил експлодираше на 26 април 1986 година, предизвикувајќи ја најтешката нуклеарна несреќа во светот во која загинаа стотици и рашири радиоактивна контаминација на запад низ Европа.
5. Утре нестабилно време со пороен дожд и грмежи
Времето денеска беше облачно со повремени врнежи од дожд, поинтензивни во западните делови. Дуваше засилен, наместа силен ветер од јужен правец. Во Штипско брзината на ветерот достигнуваше брзина до 90 км/час.
До крајот на денот облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а вдолж Повардарието и во источните делови засилен ветер од јужен правец.
Утре променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има појава на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и услови за ретка појава на ситен град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 12, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степени.
Во следните денови ќе се задржи променливо облачно и посвежо време со повремени локални врнежи од дожд, а во деновите од викендот на планините со врнежи од снег.