Кристина Н.(25) и Кевин Д.(23), наводно двајцата по потекло од Србија, се осомничени дека пред неколку дена го киднапирале своето предвремено родено дете од болница во Франција.
Момчето Сантијаго, кое пред 20 дена се родило предвреме, се уште не е пронајдено, а полицијата интензивно трага по неговите родители кои се сомничат дека ноќта меѓу понеделникот и вторникот го киднапирале од болница. Лекарите велат дека со секој изминат час се помали и помали се шансите момчето да преживее надвор од болница.
Полицијата наводно пронашла докази дека родителите побегнале во Белгија со малиот Сантијаго, врз основа на снимките од надзорните камери на Ауди кое родителите наводно го користеле за да ја напуштат Франција.
Француската полиција наведува дека соработува со европските и белгиските власти, а по детето е распишана потерница во Белгија.
Се стравува дека детето би можело да умре
Се стравува дека малиот Сантијаго би можел да умре, бидејќи е предвремено дете на кое му треба постојана медицинска нега.
Според информациите кои ги објави BFMTV, Сантијаго додека бил во болница не можел да цица или да јаде од шише. Исто така, бидејќи се работи за предвремено родено бебе, постои ризик да добие разни инфекции.
Медиумите јавуваат дека осомничениот Кевин последен пат бил виден облечен во темни фармерки, бела маичка, тенка тексас јакна и црно палто, додека Кристина имала бел џемпер, светлосин елек и зелено здолниште.
– Парот, се верува, отишол во Белгија, откако во текот на ноќта го ставиле детето во автомобил директно од болница – соопштија од обвинителството.
Наводно и двајцата и се веќе познати на полицијата, таткото за кривично дело насилство, а мајката за употреба на наркотици.
Го киднапирале детето поради страв од социјалните служби?
Според изворот на „Ле Паризиен“, се сомнева дека Кевин и Кристина го киднапирале детето од страв дека социјалните служби би можеле да им го земат детето.
Но, пред киднапирањето не беше покрената постапка, иако се разгледуваше. Но, по киднапирањето, доколку момчето биде пронајдено живо, властите ќе им го одземат старателството на родителите кои по потекло се од Србија.
Доколку бидат пронајдени, Кристина Н. (25) и Кевин Д. (23) ризикуваат кривично гонење за киднапирање на малолетник помлад од 15 години од организирана банда.
По бегството во понеделникот, во Ливр Гаргано се уапсени пет роднини на парот, исто така со српско потекло, на возраст од 16 до 29 години, пишува „Ле Паризиен“. Се верува дека најмалку двајца од нив имале клучна улога во киднапирањето на малиот Сантијаго.