Вечерва во Мостар, во Херцеговина, почина И.Ж., 39-годишна жена која попладнето била застрелана со огнено оружје од нејзиниот партнер, јавија локалните медиуми. Ова го потврди Људевит Мариќ, портпарол на Полициската управа на МУП на Херцеговско-неретванскиот кантон.

Како што соопштија од болницата, несреќната жена била примена на Одделот за анестезија, реанимација и интензивно лекување со тешки повреди нанесени од огнено оружје, и била оперирана. Но, и покрај напорите на лекарите, таа им подлегнала на повредите.

Нејзиниот партнер, со кого живеела, Ѓ.Ѓ. (46) е уапсен, потврди дежурната обвинителка. Како што рече таа, преземени се сите потребни истражни дејствија со цел да се утврдат сите факти и околности за овој трагичен настан кој ги вознемири жителите на Мостар.

Соседите ја повикале полицијата откако слушнале истрели од станот на двојката.

Ѓ.Ѓ., инаку, бил уапсен во 2016 година, кога пукал и во неговата тогашна сопруга, Ј.Ѓ. Тој тогаш испукал неколку куршуми од пиштол за кој немал дозвола кон сопругата, но за среќа промашил. Тогаш против него била поднесена кривична пријава за семејно насилство и предизвикување општа опасност, а осум години подоцна, насилникот изврши уште поголемо злосторство.