На 73-годишна возраст, почина Ацо Јованоски – Реган, човекот кој беше сведок за еден од најцрните настани во поновата историја на Прилеп, а истовремено и херој кој со неговиот храбар потег спаси голем број животи, објави Маркукуле.мк.
Јованоски беше возач на кобниот 08. август 2001. година, кога албанските терористи од заседа во месноста Карпалак, извршија кукавички чин и го гранатираа воениот конвој на АРМ.
Иако автобусот кој го возел бил во пламен, Реган успеал да го извлече од местото на нападот и така да ги спаси преостанатите бранители кои биле во него.
Јованоски беше присутен на одбележувањето на секоја годишнина од немилиот настан, и постојано се залагаше да се изгради соодветно спомен обележје на местото каде се случи грозоморниот чин.
Оваа година ќе се одбележат 23 години од случувањата на Карапалак, во кои животот го загубија: Нане Наумоски (48) ─ од Прилеп, Сашо Китаноски (39) ─ од Прилеп, Бранко Секулоски (42) ─ од Прилеп, Горан Миноски (29) ─ од Прилеп, Марко Деспотоски (27) ─ од прилепско Новоселани, Ердован Шабаноски (20) ─ од Прилеп, Љубе Грујоски (31) ─ од прилепско Пашино Рувци, Дарко Велјаноски (27) ─ од прилепско Ропотово, Веби Рушитоски (26) ─ од Прилеп, Пеце Секулоски (29) ─ од прилепско Бело Поле.
Вечна слава на хероите! Вечна слава на РЕГАН!