На 12 мај 2021 во Скопје, на 95-годишна возраст почина Миле Секуловски, Z31JY, најстариот радиоаматер во Македонија и еден од најстарите активни радиооператори во светот, објави порталот Емитер.

Со својата седумдецениска активност, Миле Секуловски ја одбележа целокупната историја на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија и на македонскиот радиоаматеризам. Во својата длабока старост беше секојдневно активен на кусобрановите опсези, така што неретко знаеше да изненади со повикување и околу полноќ.

Роден е на 8 август 1926 година во с. Лисолај, Битолско. Беше учесник во НОБ од 1944 година и по ослободувањето на Скопје посетува воен радиотелеграфски курс. По завршувањето на воениот рок во 1947 година, се вработил како телеграфист и телепринтерист во поштата во Битола, каде што службувал 12 години.

Во 1958 година преминува на работа како радиотелеграфист во цивилното воздухопловство, а од средината на 60-тите години специјализира контрола на летање. Две години бил раководител на контролата за летање на Приштинскиот цивилен аеродром, од каде што се враќа во Скопје во 1968 година и остана таму до крајот на животот.

Со радиоаматеризам започнал да се занимава уште додека живеел и работел во Битола, како член на битолскиот радиоклуб од каде што во средината на 50-тите години ја одржал првата радиоврска со клупскиот повикувачки знак YU5CEF. Во 1958 година добива личен повикувачки знак YU5JY, кој се смета за прв личен радиоаматерски знак во Македонија. Во 60-тите години поставува радиоаматерска станица во својот дом во Скопје и оттогаш во континуитет беше активен до последните денови од животот.

Освен со радиооператорство, Миле Секуловски се занимаваше и со конструирање радиоаматерски предаватели, приемници, линеарни засилувачи, електронски Морзеови тастери, антени и др. Дури и во последната деценија од животот постојано имаше планови за реализација на конструкторски идеи, како и за подобрување на својата радиостаница. Во последните месеци од животот преку наш радиоаматер во Германија активно барал да купи уште еден класичен радиоуред.

Неговиот дом беше секогаш отворен за радиоаматерите коишто често го посетуваа. Неретко самоиницијативно им подаруваше свои самоградби.

Беше во брак со Даница Секуловска од Битола, со која имаат син авиопилот и две ќерки, од кои едната, по стапките на својот татко, исто така е контролор на летање. Еден од неговите внуци работи во странска авиокомпанија, како пилот на најголемите цивилни авиони.

Вечна му слава.