По долго боледување, на 7 мај, во 65-тата година од животот почина Виолета Димова, редовен професор и прв декан на Филолошкиот факултет во Штип.
Проф. д-р Виолета Димова е родена 1955 година во Скопје. Дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде работи до 2008 година како професор по Методика на наставата по книжевност и Книжевност за деца.
Проф. д-р Виолета Димова учествува во основањето на Филолошкот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип на кој работи како прв декан и професор по Методика на наставата по книжевност, Методика на наставата по македонски јазик и Светска книжевност.
Автор е на неколку десетици научни трудови од областа на методиката и теоријата на книжевноста. Добитник е на меѓународната награда „Ана Франк“ за посебен придонес во интерпретацијата на литературата за деца. Професор Димова беше експерт по методика на наставата по книжевност.
Професор д-р Виолета Димова беше исклучителна личност, омилена во академската средина, прекрасен професор, пријател и човек.
Во 1978 година се здобива со титулата за висока стручна спрема, професор по македонски јазик и книжевност. Во 1993 година магистрира на Филолошкиот факултет во Скопје, а во 2002 година ја стекнува титулата доктор по филолошки науки. Од 2002 до 2007 година работи како доцент по Методика на наставата по книжевност на Фиололшкиот факултет во Скопје, а во 2007 година е избрана за вонреден професор по истиот предмет.
Во ноември 2008 година преминува како професор на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Истата година е избрана за прв декан на овој новормиран факултет. Во 2012 година, е избрана за редовен професор во областа методика на литературата.