На 23.10.2021 почина Благоја Дончев, долгогодишниот Претседател на управен одбор и генерален директор на АДИНГ. Компанијата изгуби пред се` човек, родител и еден од најголемите визионери во нејзината историја.
Неговото лидерство, високата работна етика и вредностите кои ги вгради во темелите на компанијата, денес се нераскинлив дел од нејзиниот код. Беше енергична личност, учител и пример за многу генерации професионалци позади него,несебично споделувајќи ги техничките знаења од областа, бизнис искуствата и вештините. Преку неговото мото дека „АДИНГ е и ќе биде состојка на секоја градба”, изгради и постави здрави основиза понатаму, што гордо го сметаше за еден од своите најголеми успеси.
Дополнително, неговата големина и значајна улога во македонската економија е што преку свој личен пример и посветеност, успеа да го пренесе неговиот ентузијазам многу пошироко, секогаш нагласувајќи дека и останатите македонски компании можат и мораат да создаваат брендови кои ќе излезат вон нашите граници.
Неговите професионални почетоци се во АДИНГ, од 1980 година, минувајќи низ сите скалила на компанијата, а на нејзино чело застанува во 2006 година. Смртта го затекна во неговиот четврти континуиран мандат, во кој се бележат и најдобрите резултати во досегашното работење.
Роден е во Вељуса, Струмица, Р. Македонија во 1951 г., а дипломирал на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Добитник е на низа награди и признанија од областите на бизнисот, менаџментот и општествено одговорните практики во земјава и странство, од кои како последна е големата награда на Средна и Југоисточна европа „Креатори на Столетието“ за животно дело во развојот на претприемништвото во Р. Македонија во 2019 година.
Погребот ќе се изврши во рамки на потесното семејство.