Претседателката на здружението на „Жените на Сребреница“ Хајра Ќатиќ, здружение кое повеќе од две децении трага по останките на 8.000 убиени муслимани во масакрот во 1995, почина вчера во Сараево на 78 години. Таа никогаш не пронајде ниедна коска од својот син, кој настрада во најголемото злосторство во Европа по Втората светска војна, кое беше прогласено за геноцид од два меѓународни суда.

Ќатиќ изгубила 20 машки роднини во масакрот извршен од силите на босанските Срби, вклучувајќи ги сопругот и 26-годишниот син Нино, новинар кој за време на војната известуваше од Сребреница за повеќе медиуми од БиХ.

Таа 26 години го одржуваше сеќавањето на храброста на нејзиниот син, охрабрувајќи други да продолжат да се борат за вистината и правдата“, соопшти Меморијалниот центар во Сребреница.

Нино Ќатиќ го испрати последниот извештај на 10 јули 1995, ден пред градот да биде освоен од војската предводена од Ратко Младиќ.

„Да можам да пронајдам само еден прст од синот, би имала што да погребам“, изјави Хајра Ќатиќ во 2010.

Таа успеа да избега во Тузла по масакрот, каде што го формираше здружението „Жените на Сребреница“ и на секој 11-ти во месецот организираше протести барајќи апсење на одговорните.