Џоселин Вајлденстин, швајцарската богаташка која си го измени изгледот со пластични операции, почина на 84 години во хотел во Париз, каде што живеела во последно време. Веста ја потврди нејзиниот партнер Лојд Клајн.

Родена во Лозана како Жоселин Дајанис да Силва Безера Перисе, таа станала дел од високите кругови во Њујорк откако се омажила за богатиот дилер на уметнички дела Алек Вајлденстин, со кого доби две деца. Претераното менување на физичкиот изглед за да личи повеќе на мачка ѝ го донесе прекарот Жена Мачка.

Таа го запознала идниот сопруг додека била на сафари во Кенија и се венчале една година подоцна. Јавноста со голем интерес го следеше нејзиниот скап развод од Вајлденстин во 1999, кога со спогодба ѝ припаднале 2,5 милијарди долари и исплата од 100 милиони долари годишно во следните 13 години.

Инспирирана од големи диви мачки, Вајлденстин наводно потрошила два милиона долари на пластични операции, според „Дејли мејл“ и како домашен миленик чувала рис.

„Беше луда. Секогаш последен дознавав за нејзините зафати. Таа мислеше дека може да го поправи своето лице како парче мебел. Кожата не работи на тој начин, но не ме слушаше“, кажа своевремено Алекс Вајлденстин.

Судијата кој ја водеше бракоразводната парница наводно одредил дека таа не смее да ги користи парите од спогодбата за нови пластични операции.

„Никогаш не сум сакала да го менувам своето лице“, кажа Вајлденстин во едно интервју есеноска, негирајќи дека се оперирала за да го задоволи својот бивш сопруг.