Во основните училишта во Штип, вчера новата учебна година ја започнаа 410 првачиња, 140 помалку од лани, кога биле запишани 580 ученици во прво одделение, објави СДК.мк.
Но, се очекува и оваа година разликата да се намали во наредните денови кога голем број ученици во текот на септември ќе се вратат дома со своите родители од сезонска работа во странство.
„За останатите ученици првиот школски час во новата учебна година е во понеделник, кога во училишните клупи во четирите основни и петте средни училишта во Штип ќе седнат вкупно 5.600 ученици од кои 1.870 во средното и 3.630 во основното образование. За нив, формирани се над 40 паралелки од кои некои се со одлука на Советот на Општината за намалување бројот на учениците во паралелка, според утврдениот законски распон од најмалку 25 до 34 ученици, односно од 20 до 30 ученици максимум во една паралелка“ вели раководителот на Одделението за образование во Штип, Роберт Аџипетров.
За сите ученици обезбеден е бесплатен превоз во кој за учениците од Општина Штип ќе функционира и јавниот превоз со петте новонабавени автобуси кои имаат линии прилагодени за потребите на учениците за заминување на училиште и враќање од училиште дома.