Навивачите на новиот македонски првак Шкупи, Шверцери тргнаа кон Тетово за дерби пресметката со ланскиот првак Шкендија, ама успеаа да стигнат само до – првата патарина.

Полициски кордон ги запре навивачите од Чаир на првата патарина кон Тетово попладнево и не им дозволи да продолжат кон градот под Шара за дерби пресметката која резултатски нема преголемо значење за новиот македонски првак откако е верификувана титулата.

Стотици навивачи од Чаир сакаа да присуствуваат на мечот против ланскиот шампион, но ќе мора мечот да си го гледаат на стрим.

Шкендија и Шкупи ќе се соочат од 17 часот во претпоследното коло, а мотивација повеќе за чаирчани е фактот што во последните пет години имаат само една победа против тетовци, а безмалку шест години изминуваат од последниот триумф под Шара, прв и единствен, откако новиот македонски првак влезе во Првата лига во 2015 година.