Припадникот на жандармеријата Милош Јевремовиќ (34) е ранет во саботата во напад пред израелската амбасада во Белград. Напаѓачот е идентификуван како Милош Жујовиќ (25), чие религиозно име е Салахудин, преобратеник од Младеновац, кој се преселил во Нови Пазар. Јевремовиќ во самоодбрана пукал во Жујовиќ, кој починал од повредите.

Обемни сили на МУП на Србија биле распоредени во Нови Пазар во потрага по соработниците на Милош Жујовиќ, а покрај ѓубрето и отпадот што го нашле во куќата во селото Америќ, каде живеел Жујовиќ, забележале и едно нешто што започнало нова мистерија, пренесува Б92.

Имено, во станот нашле пелени за бебиња, па се поставува прашањето дали терористот и мистериозната жена имале заедничко дете. Исто така, се поставува прашањето дали оваа жена сега е во бегство со детето? Се уште не се знае каде е неговата сопруга поради која ја сменил верата и дошол да живее во Нови Пазар.

Во потрага по соработници и истомисленици, полициските сили извршиле претреси на неколку локации во Нови Пазар, каде Жујовиќ живеел со сопругата.

Ранетиот припадник на Жандармеријата Милош Јевремовиќ вчера попладне го посети претседателот на Србија Александар Вучиќ. Тој на својот официјален Инстаграм профил објави фотографија од средбата.

– Пресреќен сум што жандармот Јевремовиќ Милош се чувствува добро по операцијата. Му честитав на Милош за неговата исклучителна храброст, смиреноста и успешно завршената задача во борбата со терористот. Србија нема да има милост кон терористите – рече Вучиќ.