„Sparkly Daughter“ е името на Инстаграм профилот кој го водат мајка и ќерка од Македонија и кој има над 12 илјади следбеници.
Девојчето е вљубеничка во танц која често споделува видеа на кои танцува, а заедно со мајка ѝ сакаат да испратат моќни пораки кои ќе допрат до следбениците.
Тоа е случај и овојпат со објавата по повод почетокот на новата учебна година, односно 1-ви септември.
На фотографијата, девојчето држи лист со испишани моќни пораки, а во описот на истата мајката им посакува среќен почеток на новата учебна година на децата и потсетува дека скромноста и доброто однесување никогаш не излегле од мода.
„1-ви септември е нов почеток за сите деца. Да повториме дека сè што рефлектираат нашите деца доаѓа од дома. Ние како родители сме одговорни како ќе се однесуваат во училиште.
Претходната година имав дете на кое му се потсмеваа дека носи храна од дома, беше потсмевана и за стилот на облекување –„Со чорапите на татко ти доаѓаш во училиште“, „Не ти е срам да доаѓаш со дуксер како вреќа?“, имавме и: „Не мислат твоите дека ти треба нов телефон?“…
Знам дека секојдневните разговори се клучни и не успеаја да ѝ делуваат лошите коментари, ама знам дека кај многу други деца тоа може премногу да влијае. Разговарајте, секојдневно и многу. Среќен почеток на новата учебна година!
Скромноста и доброто однесување никогаш не излегле од мода“, стои во описот.
На листот кој го држи девојчето пишува: „Не е срамота да носиш храна од дома. Не е срамота да си поддршка на некој кој не е прифатен од околината. Не е срамота да си фин и љубезен со сите.
Срамота е да правите булинг. Срамота е да сте невоспитани и безобразни. Срамота е да правите поделба по која била основа. Среќен почеток!“.