Вооружен напаѓач, кој утрово пукаше во вработени во бродска компанија во Атина, уби три лица по што извршил самоубиство. Меѓу убиените е и сопственикот на компанијата. Грчката полиција соопшти дека осомничениот бил поранешен незадоволен работник, јави „Дојче веле“.

Грчките медиуми објавија дека 70-годишниот напаѓач убил двајца мажи и жена пред да се самоубие.

Меѓу убиените се сестрата на сопственикот на бродот Спирос Карнеси, Марија Карнеси, управниот директор на бродската компанија, Андонис Власакис, кој беше во брак со сестрата на Марија Карнеси, и поранешниот капетан и вработен во сметководството на компанијата, Елиас Кукуларис.

Итната помош стигнала на лице место, во филијалата на Европската навигациска компанија. По инцидентот, како што пренесе „Ројтерс“, во објектот влегле антитерористички единици.

Според информациите, напаѓачот непосредно пред да отвори оган, наводно им рекол на раководните лица на компанијата „дојдов да се пресметам“. Како што може да се види од извештаите, 70-годишниот убиец бил вработен во предметната фирма 36 години и неодамна добил отказ, нешто што тој очигледно никогаш не можел да го прифати и решил да се одмазди.

Осомничениот е пронајден мртов покрај пушката за која се верува дека била користена во нападот, објави „Катимерини“.