По кратко боледување на 45-годишна возраст почина Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
– Колегите, соработниците и работниците ќе го паметат како голем борец за работничките права кој остави длабок белег во синдикалното и работничкото движење на Македонија. Од името на Сојузот на синдикатите на Македонија, изразуваме длабоко сочуство на неговото семејство, соопшти денеска ССМ.
Погребот на Димовски ќе се изврши утре во 13 часот. Пријателите, соработниците, работниците, граѓаните ќе можат да се простат и да изразат сочувство од 12 часот во капела на градските гробишта Бутел.
Неговото последно појавување во јавноста беше на протестниот марш за работничките права на 1-ви мај, кога пред Владата порача:
„Да живее 1 мај, да живее македонскиот работник иако овие зад нас не сакаат да не испочитуваат. Не може македонскиот работник со 2 000 денари покачување на плата да го издржи месецот, а некој со 78 отсто да си го тера месецот лежерно и убаво. Затоа оттука порачувам, ние како работници не се откажуваме. Како за нив така за нас, нека ги намалат они платите и ние нема да бараме. Но, интенцијата е да се зголемат платите на сите работници бидејќи гледаме во какво време-невреме живееме и тие пари колку се потребни. Може да пазарат по маркети и продавници и да не лажат како цените се намалени, но ние сме секој ден таму и тоа не се случува. Затоа го повикувам македонскиот работник, пензионер, народ, да излезе да се сплоти и да им кажеме „не“ на тие што не мислат на нас, што си гледаат само за себе“, рече тогаш претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски пред Владата рече дека функционерите „си ги покачија платите за 78 проценти, а нас нѐ убедуваат дека 2.000 денари е доволно да преживее македонскиот работник“.
– Со две илјади денари работникот не може да го издржи месецот, додека некои со 78 отсто си го поминуваат месецот лежерно и убаво. Ние, работниците, не се откажуваме – како за нив, така и за нас. Нека ги намалат и тие платите и ние нема да бараме. Но, интенцијата е да се зголемат платите на сите работници, бидејќи гледаме во какво време-невреме живееме и колку се потребни тие пари. Пазарат по продавници и нѐ лажат дека цените се намалени, но ние сме секој ден таму и тоа не се случува. Го повикувам македонскиот работник, пензионер, народ, да излезе и да се сплоти и да им кажеме „не“ на овие што не мислат на нас и си гледаат само за себе, истакна Димовски.
Тој порача дека не го креваат работничкиот глас само денеска, туку борбата продолжува и утре.
– Имаме работни средби каде јасно ќе кажеме за Општиот колективен договор: К-15 за сите, 78 проценти покачување за сите, рече синдикалниот лидер.