Русија планирала кои локации би ги таргетирала во Европа со ракети кои можат да носат нуклеарно оружје во случај на потенцијален конфликт со НАТО. Ова синоќа го објави Фајненшл тајмс, повикувајќи се на тајни руски досиеја што му ги доставиле западни извори.
Според нив, документите од 2008 до 2014 година содржат список на таргет цели за проектили способни да носат конвенционално или тактичко нуклеарно оружје. Во досиејата, руските офицери ги нагласуваат предностите на нуклеарниот напад на почетокот на конфликтот.
Мапите, создадени за презентација, а не за оперативна употреба, покажуваат примерок од 32 цели на НАТО во Европа за руските поморски флоти.
На пример, потенцијалните цели на руската балтичка флота лежат главно во Норвешка и Германија. Во презентацијата за офицерот, која е создадена уште пред актуелната голема руска инвазија на Украина, се опишани цели како што се западниот брег на Франција или градот Бароу-ин-Фернес во Британија, пишува весникот.
Тактичкото нуклеарно оружје, кое може да се лансира од копнени објекти, бродови или авиони, има помал дострел и е помалку деструктивно од стратешкото нуклеарно оружје наменето за евентуална употреба против САД, пишува весникот. Но, тој предупредува дека тактичкото нуклеарно оружје може да ослободи значително повеќе енергија од бомбите фрлени од САД врз јапонските градови Нагасаки и Хирошима во 1945 година.
Во презентацијата се споменува и можноста за таканаречено демонстративно детонирање на нуклеарно оружје во оддалечена област „во моментот на непосредна опасност од агресија“, односно пред вистински конфликт, со цел заплашување на западните земји. Русија никогаш не признала дека нејзината воена доктрина вклучува такви напади.
Протечените документи дополнително сугерираат дека Москва ја задржала способноста да носи тактичко нуклеарно оружје на површински бродови, и покрај договорот од 1991 година меѓу Советскиот Сојуз и САД за нивно елиминирање, забележува Фајненшл Тајмс.
Според весникот, неодамнешните руски воени вежби дизајнирани за практикување на употреба на тактичко нуклеарно оружје покажуваат дека објавените датотеки се во согласност со актуелната руска воена доктрина.
Во февруари, „Фајненшл тајмс“, исто така повикувајќи се на тајните воени досиеја на Русија, напиша дека Москва би практикувала употреба на тактичко нуклеарно оружје во раните фази на конфликтот со голема светска сила. Прагот за употреба на тактичко нуклеарно оружје во Русија е многу помал од тоа што руските официјални лица јавно го изјавија, пишуваше тогаш весникот. Според него, најновите откритија покажуваат како Русија замислила конфликт со Западот и планирала серија разорни напади низ Западна Европа.
Аналитичарите кои ги прегледаа документите, според ФТ, рекоа дека тие се во согласност со проценката на НАТО за заканата од ракетни напади со долг дострел од страна на руската морнарица и брзината со која Москва најверојатно би се одлучила за употреба на нуклеарно оружје.
Според документите, приоритет на Русија во случај на конфликт со НАТО би бил „да го ослаби воениот и економскиот потенцијал на непријателот“. Ова, според аналитичарите, би значело дека Русија ќе нападне цивилни локации и критична инфраструктура, како што тоа го прави во Украина.