Србија, но и целиот регион со денови ги следи вестите, очекувајќи информации дали и кога ќе биде пронајдено телото на убиеното девојче Данка Илиќ (2), а оваа, барем досега неуспешна потрага, страшно потсетува на онаа што се случи во средината на 2011 година за убиената девојка Антонија Билиќ (17) во Хрватска.
Антонија Билиќ (17), матурантка од Кричак, во кобниот вторник на 7 јуни 2011 година околу 08:30 часот излегла од семејниот дом кај Дрниш и повеќе не се вратила. Една од најголемите потраги во регионот по исчезнато лице беше извршена пред 13 години во Хрватска. Тогаш сите ја бараа малолетната Антонија Билиќ, девојката која, како што подоцна се утврди, ја убил Драган Паравиња.
Антонија последен пат била видена на 7 јуни 2011 година на мостот Чикол каде што автостопирала во правец на Сплит. Последниот сигнал од нејзиниот мобилен телефон бил забележан тој ден во 15 часот и 40 минути во близина на одморалиштето Модруш кај Огулин. Се сомневаат дека Драган Паравиња, возач на камион, застанал на нејзиниот подигнат палец покрај патот.
МЕСЕЦИ НА ПОТРАГА – Се вршеше повеќемесечна потрага по исчезнатото девојче, која не даде резултат, иако беше најобемна во Хрватска досега, при што беше исушено дури и едно езеро. Телото на девојчето било пронајдено на 28 ноември 2012 година на паркингот покрај државниот пат во селото Модруш кај Јосипдол во Карловачка жупанија, недалеку од местото каде последен пат бил лоциран сигналот на нејзиниот мобилен телефон. Полицијата веќе двапати претходно го пребарала ова место.
Главниот доказ против Паравиња се снимките од надзорните камери на кои се гледаат неговите движења на денот на злосторството на 7 јуни 2011 година, потоа ДНК трагите на жртвата во неговиот камион, како и неговото признание од полицијата во Бања Лука, каде што бил уапсен на 26.06.2011 година.
Драган Паравиња во 2016 година беше осуден на единствена затворска казна од 40 години за обид за силување и убиство на Антонија Билиќ, како и за уште еден обид за силување. Тој доби 35 години за тешкото убиство на Антонија Билиќ, 4,5 години за обидот за силување во Омиш и уште 2 години и 10 месеци за обидот за силување.
Убиството на несреќното девојче се случи во јуни 2011 година, а оттогаш се одржаа две судења на Драган Паравиња. И на двете беше осуден на 40 години затвор, но казните беа укинати. Првата ја укина Врховниот суд и случајот беше вратен на ново судење кога беа пронајдени посмртните останки на несреќната девојка.
ПРОНАЈДЕН Е САМО СКЕЛЕТ – Втората пресуда беше укината со наведување дека при новата постапка треба да се преиспитаат сите докази и да се оцени дали е евентуално малку поинаква квалификацијата.
– Пронајден е само скелетот на жртвата, така што не можеше да се види дали е убиена или силувана, ниту да се утврди точната причина за смртта, како што заклучија вештаците. Единствениот доказ што укажува на тоа дека Паравиња го извршил тоа злосторство е неговото сведочење во Бања Лука, каде под тешка тортура признал дека ја задавил жртвата, но не и дека се обидел да силува. Судот во Сплит не можеше да ја заснова својата пресуда на тоа сведочење, или во најмала рака, мора да потврди дека имало тортура. Крвните дамки се пронајдени дури по последователно вештачење, па се сомневаме дека се подметнати – тврдеше тогаш неговиот адвокат.
– Погледнете ја Антонија Билиќ десет дена пред нејзиното исчезнување, а во досието погледнете што остана од неа: две коски, а остатокот го растргнаа диви ѕверови. Што остана од една ваква девојка од која се очекуваше да биде сопруга и мајка и за доброто и гордоста на целата заедница – пред судскиот совет во завршниот говор се обрати адвокатот Винко Љубичиќ, кој ги застапуваше интересите на семејството Билиќ.
Им покажал фотографија од Антонија (17) направена пред трагичното исчезнување и ги повикал да ја споредат со фотографиите од нејзините останки пронајдени година и полпо злосторството, а кои се меѓу доказите. Адвокатот Љубичиќ во својот потресен завршен говор повтори дека третото судење е непотребно и само дополнително ја продлабочи болката на семејството Билиќ, кое доживуваше тешки моменти за време на секое судење.
Пред излагањето на завршните зборови, Паравиња ја изнесе својата одбрана од обвинувањата.
– Не сум јас виновен, не ја ни видов. Се ми е наместено – изјави тогаш обвинетиот Паравиња.