Во малиот авион Цесна што се урна кај Загреб имало пет лица, од кои едно загина, а четворица се повредени, јавуваат хрватските медиуми.

Авион се урна во Јеждовац кај Загреб во саботата попладне. Во несреќата едно лице загина, а четири се повредени. Станува збор за мал авион Цесна, а несреќата се случила во реонот на аеродромот Лучко.

Владимир Кинѓерски, управителот на аеродромот Лучко кратко изјави дека не може да даде никакви информации и дека потрагата е во тек. Тој не сакаше да одговори на дополнителни прашања.

– Неофицијално дознаваме дека во несреќата учествувале падобранци. Оваа информација не е официјално потврдена. Истиот авион наводно летал во саботата наутро без никакви проблеми. Нашиот репортер на земја видел човек кој излегува од блиската шума во искината маица. Пред да го преземе полицијата, тој рече дека поминал најдобро од сите други, објави 24 сата.

Според последните неофицијални информации, полицискиот хеликоптер за потрага се вратил со повредени, а службите на терен со носилки се упатиле во шумата.

– Како што неофицијално дознаваме, во авионот имало падобранци кои се воени лица, па целата спасувачка акција, како и истрагата за падот, ќе ја преземе армијата, објави 24 сата.