Велика Британија и Германија ги повикаа своите граѓани да ја напуштат Украина поради стравувањата од можна руска инвазија на земјата, јави германската новинска агенција ДПА. Покрај овие две големи европски земји, САД излегоа со истата препорака и за американските граѓани во Украина, а вакви повици упатија и балтичките земји, Холандија, Саудиска Арабија и други држави, вклучувајќи ја и Северна Македонија.

Во меѓувреме, и Русија се одлучи да повлече дел од својата дипломатска мисија во Украина, пишува Би-би-си. Според портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, повлекувањето на дел од руските дипломати од Киев е поради „провокации од Киев или од други страни“.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко денеска изјави дека властите на украинскиот главен град го одобриле планот за евакуација во случај во руска инвазија. Според неговите зборови, одобрени се центрите за евакуација, потребните возила и безбедните региони за сместување на евакуираните лица надвор од Киев на други локации во Украина.

Ројтерс јавува дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска имале телефонски разговор пред разговорот што подоцна во денов треба да го имаат претседателите Џо Бајден и Владимир Путин.

Блинкен пред разговорот изјави дека се наоѓаме во ситуација во која руската инвазија би можела да започне во било кое време доколку претседателот Путин одлучи за тоа. Рускиот министер Лавров пак во разговорот му рекол на Блинкен дека САД и ЕУ ги игнорираат руските безбедносни предлози и ја обвинил САД за „пропагандна кампања“ за возможна руска агресија.

Украина ги повикува своите граѓани на смиреност

Украинската влада денеска ги повика граѓаните да останат смирени и обединети, велејќи дека вооружените сили се подготвени да го одбијат секој напад врз земјата во време на растечка загриженост дека Русија се подготвува за инвазија врз својот сосед.

Апелот дојде еден ден откако САД и други земји, меѓу кои Велика Британија, Австралија и Јапонија, ги повикаа своите граѓани веднаш да ја напуштат Украина поради растечката опасност од голема офанзива од руските сили.

„Сега е клучно да останеме смирени и обединети во земјата и да избегнуваме активности кои ќе нарушуваат стабилноста и шират паника“, се наведува во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи.

Тие наведуваат дека вооружените сили постојано го следат развојот и се подготвени да го одбијат секое нарушување на територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина.

Русија распореди над 100 илјади војници и воена опрема во близина на границата со Украина, а САД вчера предупредија дека Русија може да нападне во секој момент.

Москва ги негира западните обвинувања дека можеби планира инвазија, велејќи дека има право да ги распоредува своите војници каде било на руска територија.

„Инвазија на 16-ти февруари?!“

Русија почна да повлекува некои вработени во своите дипломатски мисии во Украина, поради страв од провокации од украинските власти или од трети земји, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

-Со оглед на значителното влијание што Вашингтон и Лондон го имаат врз Киев… заклучуваме дека нашите американски и британски колеги очигледно се свесни дека во Украина се подготвуваат одредени дејствија што би можеле значително да ја комплицираат безбедносната ситуација, рече Захарова.

Многу западни амбасади презедоа слични мерки, а некои земји, вклучувајќи ги САД, Канада и Австралија, ги повикаа своите граѓани да ја напуштат Украина што е можно поскоро.

САД вчера предупредија дека во следните неколку дена е можна руска инвазија врз Украина, а „Политико“ пренесе дека американскиотр претседател Џо Бајден, сношти, на виртуелната средба со своите западни колеги дури и прогнозирал дека тоа ќе се случи на 16 февруари.

Москва таквите наводи ги нарекува „хистерија“, додека Киев повикива на „смиреност“.