Кшиштоф Камињски (71), познат полски хирург и долгогодишен шеф на болницата во Ниса, е уште една жртва на поплавите кои беснеат во Полска, но и во Европа.
Во ноќта меѓу неделата и понеделникот спасувачите пронашле тело на маж на улица во Ниса. Како што се испоставило, тоа бил д-р Камињски, почитуван хирург и долгогодишен раководител на локалната болница.
Неговата смрт на социјалните мрежи ја потврди и неговиот зет, познатиот судија Јарослав Дуџич.
Претходно во неделата семејството пријавило дека хирургот исчезнал. Камињски вчера околу 16:00 часот заминал на дежурство за Прудник, а неговото исчезнување било пријавено вечерта кога наводно требало да се врати од работа.
Неговиот автомобил подоцна бил пронајден со отворена врата, додека телото на лекарот било пронајдено ноќеска околу 1.30 часот.
Се претпоставува дека излегол од автомобилот, но не се познати точните околности за неговата смрт.
Камињски е петта жртва на поплавите во Полска.