Поларниот вител ќе се судри над Европа во средината на февруари, најавува српскиот метеоролог Иван Ристиќ.
Според моделите за прогноза што ги користи метеорологот Иван Ристиќ, како што пренесува српскиот весник Блиц, од 16 февруари ќе пристигне значително постуден период кој ќе донесе снег.
„Кој ги ставил санките во подрум, нека ги извади повторно, бидејќи најверојатно од 16 февруари ќе имаме значително постудено време и снег. Сега, конечно, покрај продор на студен воздух од север, имаме и циклони во Медитеранот со активирање на поларниот фронт над Балканот“, вели метеорологот Ристиќ во најновата прогноза.
„Во сабота на 15 февруари облачно време со врнежи од дожд кои во периодот од сабота до недела ќе преминуваат во снег поради продор на студен арктички воздух од север“, прогнозира тој, појаснувајќи дека наредните денови ќе се задржи ветровито и студено со дневни температури од 4 до 9 степени.
Во средината на февруари, забележува тој, пристигнува поларниот вител.
„Потоа, во средината на февруари го имаме пристигнувањето на поларниот вител, што значи ладен воздух од Арктикот. И тогаш имаме циклон од Атлантикот, таканаречениот „зимски убиец“, и ќе се судри токму овде, над Европа“, објаснува Ристиќ.