Вредноста на богатството на петте најголеми бизнисмени изнесува 15,2 милијарди евра. Според српски „Недељник“ најбогат во Македонија е Живко Мукаетов.
Најбогат човек годинава во Македонија е Живко Мукаетов, првиот човек на „Алкалоид“, чие богатство се проценува на 710,5 милиони евра, според традиционалната ранг листа на најбогати луѓе во регионот, што ја прави српскиот магазин „Недељник“, пренесе порталот „Кликс.ба“.
Според најновата ранг листа, ТОП 10-те најбогати луѓе во регионот, првите три места им припаднаа на бизнисмени од Хрватска, од каде што има уште еден на осмото место, додека сите други им припаднаа на стопанственици од Србија.
Како што пишува бизнис неделникот на списокот се случија големи промени. На листата доминираат три компании од Хрватска, од кои две се од високотехнолошката индустрија. Од друга страна, веќе не е новост, бидејќи оваа трка трае со децении, дека Мирослав Мишковиќ и Миодраг Костиќ со децении конкурираат за позицијата најбогат човек во Србија.
Најбогати луѓе во регионот се сопствениците на хрватската ИТ компанија „Инфобип“ – Силвио и Роберт Кутиќ и Изабел Јелениќ. Вредноста на нивната компанија се зголемила за речиси 807,6 милиони евра за една година (малку повеќе од таа сума вреди фирмата на најбогатиот босанско-херцеговски бизнисмен).
По нив следуваат Дубравко Гргиќ (3,124 милијарди евра) од „Аграм груп“ и Мате Римац (3,047 милијарди евра).
По нив следуваат двајца бизнисмени од Србија, Мирослав Мишковиќ од „Делта холдинг“ (3,036) и Миодраг Костиќ од МК Груп (2,723 милијарди евра).
Оваа година, пишува „Недељник“, Мишковиќ стана првиот Србин чии компании, само на територијата на Србија, вредат повеќе од три милијарди евра.
Најбогат Црногорец е Драган Бокан („Воли“), чија имотна вредност се проценува на 504,6 милиони евра. Во Словенија најбогато семејство е Лах (Стекларна Храстник), чиј имот се проценува на 385 милиони евра, додека во Северна Македонија најбогат е Живко Мукаетов („Алкалоид“) со 710,5 милиони евра.
Инаку, минатата година најбогат во Македонија, според неделникот, беше стопанственикот Илија Гечев, како прв македонски милијардер. Гечев и неговата ИГМ „Трејд“ лани се најдоа на 18. место со проценето богатство од 1,054 милијарди евра и тоа беше прв пат некој бизнисмен од Македонија да ја надмине границата од милијарда евра.