Генадиј Чурков, бизнисмен од рускиот град Ориол, е осомничен за киднапирање на еден од најпочитуваните руски црковни старешини, шиархимандритот Илија Ноздрин.

Според руските медиуми, во ноќта меѓу 4 и 5 септември непознати лица дошле во манастирот Споритељница Хлебов, го извадиле свештеникот и со него заминале во непознат правец.

Како што може да се види на видеото од надзорната камера, старецот Илија седел на столот кој осомничените го изнеле од храмот.

Според првичните податоци, главен мотив на делото е откуп, но се разгледува и личен конфликт. Чурков бил помошник на старецот Илија и заедно отвориле фонд кој собирал пари за изградба на духовниот центар Вјатски Посад.

Пред два дена на Телеграм каналот „Орловски колос“, основан и управуван од Чурков, беше објавено дека на денот на киднапирањето, шиархимандритот Илија и Чурков заедно го поставиле камен-темелникот на новиот храм.

Бизнисменот беше приведен на 7 септември во градот Болхов во областа Ориол, по што беше префрлен во Москва.

Шиархимандритот Илија Ноздрин е еден од најпознатите руски старешини. Бил исповедник и на самиот патријарх Кирил.

На почетокот на оваа година патријархот Кирил одобри преместување на старецот Илија од Москва во манастирот, откако неколку верници се пожалија на него.

Тој е познат и по тоа што го благослови рускиот претседател Владимир Путин откако положи заклетва во 2018 година.