Спасувачките екипи пронашле осум тела во една гаража, додека бројот на жртви на катастрофалните поплави во Шпанија порасна од 95 на најмалку 158. Локалните власти не сакаат да кажат уште колку луѓе се водат како исчезнати, но министерката за одбрана Маргарита Роблес изјави дека трагичниот биланс несомнено ќе расте.
Опозициски политичари ја обвинија централната влада дека пребавно ги предупредила жителите за поплавите, при што министерството за внатрешни работи кажа дека регионалните власти се одговорни за мерките на цивилна заштита.
Градоначалникот на Валенсија, Марија Хосе Катала, изјави дека локален полицаец е меѓу осумте луѓе кои се пронајдени удавени во гаража во предградието Ла Торе.
„Тие луѓе не би починале доколку навреме биле предупредени“, изјави една локална жителка.
Марибел Албалат, градоначалничката на соседниот град Паипорта, изјави дека никогаш не добиле предупредување дека надоаѓа поплава.
„Во нашиот град починаа 62 луѓе. Некои загинаа во своите домови, други во автомобили, како во стапица“, рече таа.
Метеоролозите кажаа дека во делови на регионот Валенсија наврнало годишно количество дожд за само осум часа, што тешко ја погоди регионалната инфраструктура, при што се уништени мостови, патишта, пруги и згради. Околу 80 километри патишта во Валенсија се сериозно оштетени или непроодни, изјави министерот за транспорт Оскар Пуенте.