Цената на јагнешкото не престанува да ги изненадува купувачите. Моментално, во месарниците, цената на јагнешкото се движи од 600 до 800 денари, но се очекува дека ќе достигне 1.000 денари за Велигден и дека ќе го нема. Сточарите се задоволни од моменталната откупна цена на јагнешкото, која изнесува 280 денари килограм жива мера и се надеваат дека ќе се задржи додека трае откупот. И оваа година, најголем дел од македонското јагне ќе оди за извоз во Италија и во Хрватска.

– Моменталната откупна цена од 280 денари за килограм жива мера е добра и очекуваме да се задржи до крајот на откупот и да не се спушти. Ние баравме 300 денари, но и со 280 денари за килограм ги покриваме основните трошоци. Се надеваме дека зголемената цена нема да биде предизборен маркетинг само за да се израдуваат сточарите – изјави за весникот ВЕЧЕР Митко Јанков, претседател на „Агроцентар“ од Велес.
И покрај тоа што сточарите, генерално, се задоволни со откупната цена од 280 денари, сепак, тој смета дека најголем ќар имаат трговците, бидејќи јагнешкото во месарниците се продава по 800 денари за килограм.

– Ако откупната цена е 280 денари, тогаш продажната не треба да биде повисока од 550 денари за килограм. Не мислам дека пред Велигден цената на јагнешкото ќе падне, напротив, мислам дека ќе се качи на 1.000 денари за килограм, а и ќе го нема, бидејќи целото ќе се извезе. Речиси 80 отсто од јагнињата веќе се откупени и се обработуваат за извоз за католичкиот Велигден. Главно, извозот е на италијанскиот пазар – вели Јанков.

Цената на јагнешкото месо во Македонија е највисока во регионот. Во соседна Србија, јагнешкото месо се продава за околу 400 денари за килограм, додека во Грција за околу 500 денари за килограм.

Според сточарите, причината за пониската цена во регионот е тоа што сточарите во овие земји имаат повисоки субвенции. Така, на пример, субвенциите изнесуваат 1.200 денари за предадено јагне во кланичен капацитет, а кај нас – 600 денари. Поради тоа, цената е повисока, велат сточарите.

Се очекува годинава, освен на традиционалните пазари Хрватска и Италија, македонското јагне да се најде и на бугарската трпеза. Тие немаат доволно домашно производство, па ќе го надополнат недостигот со увоз. Нашиот пазар им е најблизок и нашето јагне е далеку поквалитетно од бугарското, велат сточарите.

Во споредба со лани, кога беа извезени околу 200 илјади јагниња, оваа година се очекува бројот да биде далеку помал поради намалениот сточен фонд.

Во месарниците низ градот, јагнешко тешко може да се најде, а таму каде што го има, цената му достигнува и до 800 денари за килограм.

– Не ни се исплати да го продаваме јагнешкото под 800 денари, бидејќи набавната цена ни е 600 денари за килограм. Од друга страна, јагнешкото месо е специфично и не се продава за килограм, туку мора да купите најмалку четврт јагне, бут, половина јагне или цело јагне. Најмалку што може да купите се околу 4-5 килограми, па човек треба да издвои околу 4.000 денари за да купи јагнешко месо – велат од една скопска месарница.

И граѓаните велат дека, поради високата цена, се откажуваат од јагнешко и покрај тоа што месото е многу здраво и е традиција, особено за Велигден, да се јаде јагнешко. Велат дека со малите плати не може да си го дозволат ова традиционално јадење.