Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев на својот фејсбук профил се прости од директорката на детската градинка „Мајски цвет“, Ангела Ангеловска- Усовска.
Денеска згасна животот на нашата Ангела Ангеловска Усовска, директорка на детската градинка „Мајски цвет“.
И јас и општината ќе ја паметиме пред сѐ како извонреден човек, ведра личност и голем работник.
Да не беше Ангела немавме да имаме и толку успеси на полето на детската заштита и предучилишното образование во Карпош.
Заедно го отворивме објектот „Јасмин“ во Тафталиџе 2, а минатата година ја реконструиравме и „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1.
Секогаш насмеана, многу креативна и ненаметлива… Чекор пред времето, како во воведувањето на здраво мени по градинките и современи дидактички материјали, така и во односот со кадарот, родителите, со сите нас.
Ангела, ти благодарам за тоа што ми беше соработник. Чест ми беше што те познавав и што заеднички сработивме многу.
Си отиде највредниот „мајски цвет“, но ги повикувам сите вработени во градинките да го продолжат нејзиниот пат, да се грижат за дечињата и условите, како што Ангела тоа го правеше.
Изразувам искрено сочувство до семејството. Загубата е голема. Ангела зад себе остави резултати за два животи, кои се вредни за целата
заедница. Јас лично, но и општината остануваме на располагање на семејството. Слава и, напиша Богоев.