15 инспектори на УЈП ќе одговараат кривично бидејќи не си ја работеле својата работа и овозможиле разни фирми преку даночни измами да ни украдат над 3,3 милиони евра, информираше Обвинителството во писмено соопштение утрово.
Според се уште неофицијални информации до кои дојде Press24, меѓу лицата кои ги проверува обвинителството е и поранешна пратеничка на СДСМ.
„Не ја организирале и координирале работата на Генералниот даночен инспекторат со функциите на Регионалните даночни инспекторати во Скопје, Прилеп и Битола, за дел од даночните обврзници не извршиле соодветно рангирање според степенот на ризичност и самостојно не издале налози за контроли, не изготвиле предлог листи на даночни обврзници за вршење надворешна контрола, иако дел од обврзниците според степенот на ризик припаѓале во ризични даночни обврзници каде задолжително било потребно да се извршуваат надворешни контроли. Така, за дел од кривичноодговорните правни лица опфатени во предметот „Синџир“ кои како даночни обврзници поднесувале задолжителни даночни пријави и годишни завршни сметки во Регионалните дирекции Прилеп, Битола и Скопје, по основ на непресметан и неплатен данок прибавиле значителна имотна корист во износ од 167.918.419 денари предизвикувајќи штета на УЈП во вкупен износ од 206.456.437 денари.“ – се вели во соопштението на УЈП