Исти околности, но различна одлука. Апелацискиуот суд му ја скрати затворската казна за десет години на велешанецот Ангелчо Николов кој во декември минатата година под дејство на алкохол ја „покоси“ 11-годишната Магдалена Иванова и нејзината мајка на пешачки премин во Велес, а потоа побегна и неколку дена се криеше од полицијата.

Апелацискиот суд на 10 јули носи пресуда со која првостепената пресуда на судот во Велес од 18 години затвор ја преиначи и ја намали на осум години затвор. Пресудата е конечна и никој нема право на жалба.

Според информациите на „Телма“, во образложението на пресудата Апелација навела дека недоволно се ценети олеснителните околности во корелација со отежителните. Според Апелација, 28-годишниот Николов бил неосудуван, млад, неженет, признал вина и покажал каење и тоа е доволно за да се скрати казната. Апелација е на ист став со велешкиот Суд, па ја потврди казната за забраната за управување на возило во траење од пет години која стапува на сила откако ќе ја издржи затворска казна.

„За сторено кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ на обвинетиот му се утврдува казна затвор во траење од седум години и шест месеци, а за кривично дело „Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“ веќе определената казна затвор со првостепената пресуда од една година се зема за утврдена, па со примена на член 44 за двете кривични дела му се изрекува единствена казна затвор во траење од осум години“, се вели во соопштението на Апелацискиот суд Скопје.

Во првичниот судски процес во велешкиот Основен суд, петчлениот судски совет со кој претседаваше судијката Габриела Гајдова го прогласи Николов за виновен за двете дела. Според Гајдова, отежителни околности беа што тој бил под дејство на алкохол, побегнал од местото, се криел и иако ја признал вината судот сметал дека нема искрено каење за животот на 11-годишната Магдалена.

Николов на 17 декември минатата година, под дејство на алкохол и со брзина двојно поголема од дозволена на улицата „Борис Трајковски“, во центарот на Велес, ги прегази Магдалена и нејзината мајка. Од јачината на ударот детето кое било отфрлено 20-тина метри починало на местото, а мајката биола повредена. Николов не застанал туку продолжил да бега со голема брзина. Неговиот автомобил беше најден наредниот ден а по два дена бегство тој самиот се пријави во полиција.