Полицијата вчера го уапси Т.К.(54) од селото Дедино, општина Конче затоа што пред 10 дена го застрелал и го убил ловџијата И.К. (31), исто така, од селото Дедино.
За загинатиот ловџија неговиот татко во изјава за медиумите претпоставуваше дека се замозастрелал додека се бранел од диви свињи, но вистината излезе поинаква. Ловџијата Т.К. доби кривични пријави од полицијата за три кривични дела.
„Вчера (13.11.2024) полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за општ и насилен криминал во содејство со СВР Штип го лишија од слобода Т.К.(54) од селото Дедино, општина Конче и против него се поднесени кривични пријави поради основано сомнение за сторени кривични дела по член 126 „убиство од небрежност“, член 396 „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и член 228 „незаконит лов“ од Кривичниот закон. Имено, на 4.11.2024 година Т.К., заедно со И.К.(31) од селото Дедино, со цел да вршат незаконит лов на дивеч се упатиле кон селата Лесковица и Пиперово, при што приведениот со ловна пушка која ја поседувал без дозвола од поголема далечина го застрелал И.К., кој починал на местото на настанот“, соопшти полицијата.
Во текот на вчерашниот ден, со наредба од Основен суд Радовиш е извршен претрес во домот на Т.К., при што се одземени предмети од интерес на истрагата, а лицето е приведено.
ПОВРЗАНА ВЕСТ: 31 годишниот Иван Камчев попладнево почина во несреќен случај во Македонија
Таткото на убиениот И.К. по смртта на синот изјави дека несреќата се случила во момент кога И.К. бил нападнат од дива свиња, додека ги напасувал кравите, и при пукањето се самоповредил.