Членови на претседателската гарда на Нигер го држат претседателот Мохамед Базум во претседателската палата во главниот град, која утринава беше блокирана од воени возила, соопштија безбедносни извори.

Претседателството на Нигер објави дека некои членови на претседателската гарда „залудно“ започнале „антирепубликанско“ движење и дека националната армија е подготвена да ги нападне доколку не се вразумат.

Во соопштението се додава дека претседателот Базум и неговото семејство се добро. Настаните личат на четири воени бунтови кои ги зафатија соседните Мали и Буркина Фасо од 2020 година. Блокирани се и министерствата лоцирани во близина на претседателската палата, а на персоналот лоциран во палатата не им беше дозволен влез во нивните канцеларии, соопштија претседателски и безбедносни извори.

Весникот „Жан Африк“ пишува дека претседателската гарда ја предводи генералот Омар Чиани, кој служеше во времето на поранешниот претседател на Нигер, Махамаду Исуфу.

Базум го остави Чиани на функцијата откако дојде на власт. Медиумите објавија дека претседателот во последните денови размислувал да го испрати генералот во пензија.

Бола Тинубу, претседател на соседна Нигерија и нов претседавач на Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС), ја нарече ситуацијата во Нигер „непријатен развој“ и рече дека веќе е во „блиска консултација“ за ситуацијата со другите лидери во регионот.

Претходните преврати во Буркина Фасо и Мали беа делумно поттикнати од незадоволството поради неуспехот на властите да го запрат исламистичкиот бунт што пустоши во регионот Сахел, кој го вклучува Нигер.

Во март 2021 година, во Нигер беше спречен обид за државен удар. Војската се обиде да ја заземе претседателската палата неколку дена пред Базум да положи заклетва.