Не стивнуваат реакциите во јавноста по смртта на македонскиот професор и иноватор Васко Саздовски кој загина во страшната несреќа што се случи на железничката станица во Нови Сад.
Саздовски беше сопруг и татко на две деца, но и врвен научник за кого пошироката домашна јавност воопшто немаше слушнато пред трагедијата.
Сега на социјалните мрежи се огласи Митко Јованов, пријател на Саздовски, кој на својот фејсбук-профил откри интересни детали за животот на 45-годишниот професор од Свети Николе кој предаваше на Институтот за роботика во Нови Сад.
„Е, жална Македонијо.. Зарем не можеше како квачка под своите крила да ги заштитиш и белите и црните пилиња.. Сите се твои.. Научници од таков ранг, а патуваат со воз, со градски, и.. не се срамат. А некои со високи позиции.. министри, раководители и што ли незнам и самите не знаат од каде им е дипломата, а имаат лични шофери.. Сакам, а, не можам да премолчам, од почит кон Васе.. Го сретнав и го прашав како е како професор на Електро факултет во Штип.. Ми рече.. Чичо Мите си дадов отказ.. Не можам.. Ме тераат на некого да му пишам десетка, а тој не знае за шестка.. Ова лудило ќе помине и тој инженер ќе направи некој пропуст и тогаш некој паметен ќе праша кој професор го пуштил на испит.. Ќе виде Васко.. Не, не можам, подобро ќе мизерувам. Е Васе, лесна ти земја, но некои такви инженери те убија. За жал и ден денес имаме хипер продукција на такви инженери. Васе со сета почит, некогаш, некаде горе, ќе муабетеме пак, до тогаш слава ти и лесна ти земја!“, пишува Јованов во објавата.