Тринаесетгодишно дете со тешка повреда на раката од петарда за време на новогодишната ноќ е примено на Ургентниот центар на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување (ТОАРИЛУЦ). На детето на Детската клиника му е извршена операција, но како што кажа д-р Игор Мерџаноски, ќе остане со инвалидитет на раката.

На новогодишната ноќ, на Клиниката за токсикологија, Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ и на ТОАРИЛУЦ имало помалку примени пациенти за разлика од лани. На Токсикологија со акутно труење од алкохол имало 21 пациент, од кои еден пациент измешал алкохол и таблети.

„Новогодишното дежурство на Клиниката за токсикологија помина прилично мирно, прегледани се 21 пациент од кои 18 со акутни труења од алкохол. Четири од нив се женски, а 14 од машки пол. Најмладата пациентка е 17 години, најстарата 26, а од машките најмладиот пациент имаше 14 години, а најстариот 38 години. Сите се пуштени дома“, рече д-р Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија.

На Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, како што кажа директорот д-р Небојша Настов, имало вообичаен број пациенти како секој ден.

„Вкупно се прегледани 81 пациент, пет од сообраќајки, тројца од физички пресметки, извршени се три операции. За среќа, кај нас во текот на новогодишната ноќ немаше повреди од петарди иако месецов имавме околу 50 повреди од петарди кај малолетници. Се користат сè повеќе петарди, со поголемо барутно полнење и оставаат кај пациентите оштетување односно траен инвалидитет“, рече Настов.

На ТОАРИЛУЦ биле примени 35 пациенти, девет се од сообраќајни несреќи но со лесни повреди, а две лица од физички пресметки.