Седми ден се трага по двегодишната Данка Илиќ од Бор. Потсетуваме, полицијата добила снимка од Виена, на која наводно се наоѓа исчезнатото девојче. По објавувањето на видеото, на кое се гледа дете кое многу наликува на двегодишната Данка Илиќ, Интерпол започна потрага. Во сила е жолта потерница.
Браца Здравковиќ , приватен детектив, гостуваше во утринска програма каде зборуваше на оваа тема. Прво се осврна на жолтата потерница на Интерпол.
– Црвена потерница важи кога нешто е 100% сигурно и кога одредено лице треба да се приведе, и точно да се знае каде се наоѓа. При Жолта потерница, тоа не е сто проценти сигурно. Ова се само претпоставки дека девојчето е видено во Виена. Би сакал навистина да е таа на снимката. Меѓутоа, она што ме загрижува во целата оваа приказна со тие видеа, е тоа што пред само една недела почнаа да кружат видеа за некои Романки кои купуваат дете. Мене ова дете од снимката ми личи на она дете што кружеше на интернет пред една недела – изјави Здравковиќ.
Очевидецот кој го снимил видеото изјавил дека детето не реагирало на името со кое го повикувале Романките и дека давало отпор, дека не сакало да разговара со нив. Маја Јовановиќ, генерален секретар на Бирото за борба против трговија со луѓе, откри на што укажува овој опис.
– Децата на таа возраст многу личат едно на друго. Исто така, децата на таа возраст можат да бидат лути на своите родители и да ги игнорираат. Значи не е потврдено дека на снимката се гледа детето Данка Илиќ и во тој случај потрагата мора да продолжи – изјави Јовановиќ.
Здравковиќ коментирајќи ја снимката од девојчето од Виена запраша како успеале толку брзо да ја поминат границата ако на тоа видео навистина се наоѓа малата Данка.
– Ако е тоа вистина, дека детето е Данка, тоа укажува дека родители се во неволја. По исчезнувањето на детето, по 20 минути на лице место била и полицијата од Бор. Сè уште е многу краток период за да се помине границата. Ова укажува дека детето претходниот ден веќе преминало во Романија, од Романија во Виена. Иако ова не ми личи на таа приказна, бидејќи ова дете на видеото се однесува нормално исто како тие жени. Исто така, ако киднапирањето беше поради некаков интерес за пари или трговија со органи, детето немаше да биде однесено на вакво јавно место – изјави Здравковиќ.
Новинарката Вера Марјановиќ тврди дека многу од информациите достапни во Србија не се совпаѓаат со оние во Австрија.
– Очевидецот кој го снимил видеото и рекол на австриската полиција дека детето врескало и бегало и дека жените зборувале романски. Во нашите медиуми има многу информации кои не се совпаѓаат со она што го знаеме во Виена – рече новинарката.