Претседателот на Шри Ланка, Готабаја Раџапакса, прогласи вонредна состојба, со што ги прошири овластувањата на армијата поради зголемениот број протести против владата.
Прогласувањето на вонредна состојба и дава на армијата овластување да апси и приведува луѓе, а ги контролира и јавните протести, што инаку е исклучива надлежност на полицијата.
Генералниот штрајк низ Шри Ланка ја отежна работата на училиштата, јавната администрација и продавниците, а десетици илјади луѓе излегоа на улиците барајќи оставка од претседателот и неговата влада.
Црните знамиња беа поставени во градовите додека се одржуваа демонстрации низ целата земја, а бројот на посети на јавната администрација, приватниот сектор и училишните канцеларии нагло опадна, соопштија владини претставници.
Целосно се прекинати и железничките услуги. Повеќе од 3.000 работници од главната извозно-производна зона во земјата, исто така, престанаа да работат и се приклучија на протестот во близина на главниот град.
Земјата е пред банкрот
Шри Ланка е близу до банкрот, бидејќи објави дека ја запира отплатата на своите долгови кон странство, а употребливите девизни резерви се помали од 50 милиони долари. Годинава оваа земја треба да отплати долгови кон странство во вредност од 7 милијарди долари на долгот од 26 милијарди, чиј рок за отплата е до 2026 година.
Демонстрантите бараат Раџапакса и неговите моќни владеечки семејства да се повлечат, сметајќи ги за одговорни за економската криза. Слични протести се проширија во повеќе градови низ земјата.
Веќе неколку месеци населението во редици чека за купување гориво, плин, храна и лекови. Имајќи го во предвид растот на цената на нафтата поради руско-украинската војна, резервите на гориво во Шри Ланка се намалуваат. Властите најавија прекини во испораката на електрична енергија во целата земја, бидејќи не можат да обезбедат гориво за електраните.