Австриското Министерство за правда потврди дека тројниот убиец Ален Ризвановиќ извршил самоубиство во затвор, но не сакаше да даде дополнителни информации.

„Кронен Цајтунг“ пишува дека безживотното тело на 33-годишниот Ризвановиќ било пронајдено во саботата наутро во ќелија во затворот Штајн.

На 20 јуни 2015 година, Ризвановиќ со својот автомобил уби три и повреди 36 лица во пешачка зона во Грац. Има и видеа на кои се гледа како пешаците очајнички се обидуваат да избегнат удар од автомобил. По крвавиот поход Ризвановиќ излегол од возилото и почнал да ги напаѓа луѓето и да им се заканува со нож, а полицијата недолго потоа го уапсила.

Набргу по нападот, полицијата го отфрли тероризмот како можен мотив за нападот и го припиша на ментална болест. И покрај ова, било утврдено дека нема причина за негово сместување во специјализирана установа, туку бил испратен во затвор. Ризвановиќ, кој бил професионален возач, претходно бил склон на насилство, а непосредно пред крвавиот поход бил избркан од семејниот дом со забрана за пристап до семејството.

Нему му се судеше за тројно убиство и обид за убиство на дури 108 лица кои биле негова мета тој кобен ден. Три месеци по нападот, тој беше осуден на доживотен затвор. Инаку, Ризвановиќ се преселил во Австрија со родителите за време на војната во 1993 година, на четиригодишна возраст.