Боливиската полиција го уапси генералот Хуан Хозе Зунига, водачот на воениот удар кој синоќа се обиде да го изведе во главниот град Ла Паз.
Би-би-си јавува дека апсењето на Зунига се случило неколку часа откако неговите војници упаднале во претседателската палата.
Армијата, опремена со оклопни возила, претходно зазеде позиции на плоштадот Муриљо, каде се наоѓаат клучните владини згради во Ла Паз.
Нема повеќе војници на плоштадот, а претседателот Луис Арсе го осуди обидот за пуч.
Би-Би-Си објави дека Зунига планирал да ослободи „политички затвореници“, вклучувајќи ја и поранешната претседателка Жанин Анез, противник на поранешниот претседател Ево Моралес, кој и понатаму е влијателен во земјата.
Генералот планирал и да го уапси Моралес во случај повторно да се кандидира за претседател, на што нема уставно право.