Во центарот на Штутгарт автомобил влета меѓу луѓе. Според информациите на пожарникарската служба и полицијата, има повеќе повредени, дел од кои потешко. Возачот е уапсен.

Најмалку шест лица се повредени во градот Штутгарт на југот на Германија, откако автомобил влета меѓу група луѓе. Полицијата веднаш го приведе возачот на автомобилот, но засега нема информации за мотивот. Пожарникарската служба на мрежата Х објави дека се работи за несреќа, додека полицијата засега не може да се изјасни за причините за инцидентот. „Не можеме ништо да исклучиме“, изјави полициски претставник.

Во центарот на Штутгарт се затворени повеќе трамвајски станици, а сообраќајот е запрен.

На местото на инцидентот полицијата постави специјални завеси, а на дел од повредените им се укажува прва помош на лице место. Полицијата ги испрашува сведоците на настанот. Возилото со кое возачот влетал меѓу луѓето е луксузен СУВ, Мерцедес Г класа.